Под мотото „20 црвени сигнали“, во Струмица, Демир Капија, Гостивар и Радовиш беа реализирани паралелни јавни акции кои гласно и недвосмислено порачаа дека дигиталното насилство врз девојките и жените не смее да се игнорира, релативизира или толерира.
Акциите ги спроведоа Женско лоби - Демир Капија, Организација на жени од Струмица, ИГИ - Гостивар и Женска акција - Радовиш, со цел да ја разобличат реалноста на сајбер насилството кое секојдневно ги погодува девојките и жените. Во секој од градовите беа поставени по дваесет црвени кругови со пораки или лични сведоштва кои зборуваат за навреди, закани, уцени и психолошка тортура што се случуваат во дигиталниот простор, но оставаат длабоки и трајни последици во реалниот живот.
Црвената боја беше јасен знак за аларм и предупредување дека онлајн насилството не е „само зборови“, ниту „виртуелна игра“ што завршува со исклучување на екранот. Перформансите беа чин на отпор и солидарност со сите жртви на дигитално насилство.
Акцијата беше реализирана во рамки на Меѓународната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, со цел да се истакне дека дигиталното насилство треба да биде третирано со иста сериозност како и сите други облици на родово базирано насилство.
За активностите и пораките од акцијата извести и Медиумската информативна агенција (МИА). Веста е објавена на интернет-страницата на МИА и може да се погледне на следниот линк:
https://mia.mk/story/близу-30-пријави-за-дигитално-насилство-пријавиле-девојки-и-жени-од-вардарски-регион-за-нецели-три-години
Поддржано од Global Fund for Women и Акција Здруженска - Скопје.